Документарниот филм „Глигоров од Македонија“, посветен на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, премиерно ќе биде прикажан на 3 септември во Филхармонија, на свеченост по повод 35 години од независноста на државата, во организација на СДСМ.
Филмот е дело на Никола Т. Калајџиски и содржи досега необјавени делови од интервју со Глигоров, во кои тој зборува за визијата, политичката мудрост и одлуките во клучните моменти од создавањето на независна Македонија.
Премиерата е закажана за 19 часот, а документарецот треба да понуди и личен поглед на Глигоров за иднината на земјата и предизвиците со кои се соочувала во првите години од независноста.
Од денешна перспектива како би го оцениле неговото лидерство и воопшто неговата улога во процесот на независна Македонија и особено 90тите години кога се удираа темелите на истата?
Мое скромно мислење како десничар е дека Глигоров успеа да ја извади земјата од воениот виор во соседството (Босна, Хрватска и Словенија), некако избалансира меѓу силното српско влијание и очекувањата за независна држава која сама ќе си го трасира патот надвор.
Секако дека имам замерки за дел од неговите ставови, пред се за референцата БЈРМ која требаше да трае шест месеци, а траеше 28 години, изјавата дека ние сме Словени кои дошле тука во 6 век и немаме ништо заедничко со античките Македонци... и да не продолжувам, но мислам дека има историска улога во процесот наречен независна Македонија и дека од денешна гледна точка постапил мудро и рационално, бидејќи последно нешто што ни требаше беше конфликт со ЈНА и да загинат илјадници Македонци за џабе.